Следен предизвик за европскиот шампион Вардар ќе биде тимот на Мешков Брест. Белорускиот првак секогаш е незгоден за „црвено-црните“, знаел да победува во Скопје, но си одел и со високи победи.
Еден од најдобрите ракометари на Мешков, Марко Паниќ откри дел од тоа што планираат да го играат во Скопје. Тој се врати на натпреварот од белорускиот шампионат против БГУФК по пауза од еден месец поради повреда
„Се чувствувам добро. Како да играв кошарка, без контакти. Не е дека ги избегнував контактите, но внимавав. Сепак формата се движи одлично. На вакви натпревари тешко е да најдеш мотивација, но за нас најважно беше да се подготвиме за Вардар, па се обидовме да играме така како што ќе играме в недела. Вежбавме 5-1 одбрана, што ќе ја користиме против Кристопанс. За наша среќа БГУФК има сличен стил на игра како Вардар. Тој натпревар е многу важен за нас. Ќе одиме на се или ништо. Победата ни е навистина потребна и се надевам дека ќе се вратиме со позитивен резултат“, вели Паниќ.
Натпреварот меѓу Вардар и Мешков Брест е на програмата в недела, од 17:00 часот во СЦ „Јане Сандански“.