Мец со пресврт славеше против Есбјерг, триумф и за Ференцварош

Коронавирусот создава многу проблеми, одложени се многу дуели особено во Лигата на шампиони за жени, па затоа денеска на програмата беа само два дуели, меѓу Ференцварош и Крим во Унгарија и Мец и Есбјерг во Франција.

Ференцварош на домашен терен забележа победа против Крим со 32:25. По првото полувреме резултатот беше израмнет 14:14, двете екипи имаа добри минути но водството беше минимално и на едната и на другата страна.

Во второто полувреме продолжи израмнета игра и најчесто беше нерешено. Сепак, финишот на натпреварот донесе пад во играта на Крим што ракометарките на Ференцварош го искористија и стигнаа до бодовите. Ференцварош ја оствари втората победа, додека Крим останува на еден триумф.

Во натпревар со неколку пресврти екипата на Мец славеше победа потив Есбјерг 31:29. Домашниот тим го имаше почетното водство, па следуваа добри минути на гостинките за на полувреме Мец да има 18:14. Предноста на Французинките брзо се истопи во продолжение и Есбјерг стигна до плус четири. Мец имаше одговор на ова и успеа повторно да го сврти резултатот за, сепак, на крајот да стигне до победата.