После паузата поради ЕХФ неделата, викендов екипите од Лигата на шампионите се враќаат на терените, а Вардар ќе ги одмери силите со екипата на Мешков Брест.
Ова е дуел на кој вардарци немаа избор освен да се вратат назад во ритам и на победите.
„Екипата на Мешков Брест е квалитетна и тоа го докажа и минатата година во сите натпреварувања. Ние се подготвуваме за овој меч и очекуваме добра игра и наша победа. Преку ноќ не можеме да дојдеме до промена. Потребно е повеќе време за да направиме промени. Ако сакаш набрзина тогаш може да се направи лошо за тимот. Секој од нас сака да дојде до победа. Тоа ни е главната цел и така ќе одиме и понатаму“, изјави тренерот на тимот, Едуард Кокшаров.
Во однос на повредените играчи кои ги има Вардар во моментов, таму ситуацијата е неизвесна бидејќи и понатаму има неколку повредени играчи.
„Атман и Горпишин имаа повреди и денеска ќе имаме информација што е и како е со нивните повреди. Се надевам дека барем Атман ќе биде во состав. Што се однесува до Стоилов тој имаше операција и долго заздравување. Му треба некое време за да влезе во ритам и во форма. Мислам дека тој е подготвен за да може да игра и да помогне на екипата. Сепак, треба време и знам дека секој играч сака да биде на терен. Нема да форсираме и ќе одлучиме со докторите кои играчи ќе можат да бидат на терен“, коментираше стратегот на „црвено-црните“.
Инаку, средбата меѓу Вардар и Мешков Брест се игра в недела од 17 часот во СЦ „Јане Сандански“.