Никола Карабатиќ е уште еден ракометар кој е загрижен за календарот наредната сезона. Откако ЕХФ одлучи завршниот турнир во Лигата на шампионите да се игра во декември и онака густиот распоред беше дополнително згуснат.
Следната година треба да се одиграат и Олимписките игри, Светското првенство во Египет и уште еден фајнал фор. Карабатиќ смета дека толкав број тешки натпревари на највисоко ниво можат да го загрозат здравјето на ракометарите.
„Покрај сè ЕХФ сака фајнал форот од Лигата на шампионите за сезоната 2019/20 да го играме во декември. Глупаво е, јас веќе не се осмелувам да го гледам календарот за следната сезона бидејќи сите овие промени се застрашувачки. Ние играчите сме на средина, немаме збор во овие одлуки. Разбирам дека ЕХФ има економски интереси и сите сакаат да се натпреваруваат, но ние сме тие кои играат. Ова темпо е пеколно и ризикот е преголем. Ризикуваме да пропуштиме некои натпревари, а можно е и кариерите да ги завршиме порано“, коментираше Карабатиќ.
Карабатиќ стана шампион на Франција со ПСЖ откако првенството беше завршено според моменталната ситуација, сепак, најголема загриженост кај Французинот во овој момент претставува распоредот за следната сезона.