Ракометарите на Радовиш ја забележаа втората победа во серија во суперлигашкиот плеј-аут. По триумфот над Јуниор КВ, радовишани на домашен терен убедливо го победија составот на КЛ7 со 37-31.
Гостите водеа само на стартот со 0-1, а по 6-5 на средината на првиот дел, домашните ја преземаа контролата на теренот. Најпрво поведоа со 9-5, а потоа полека ја градеа предноста.
До крајот на полувремето избраниците на Андон Бошковски, кој претходно го водеше КЛ7, обезбедија високи плус осум, 20-12, и им дадоа до знаење на гостите дека нема што да бараат на овој меч.
Вториот дел беше само формалност и рутинско одработување на задачата, па шанса за настап добија и ракометарите со помала минутажа. Имаше мало опуштање во домашниот состав, па КЛ7 успеа да го направи поразот поднослив.