За две недели почнуваат квалификациите за ЕП, а Босанците уште немаат селектор!

Додека поголемиот број на репрезентации ги објавија составите со кои ќе учествуваат на првите два квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство 2024, репрезентацијата на БиХ се соочува со големи проблеми.

До овој момент, не се знае кој е новиот селектор на БиХ, а секоја репрезентација во претходниот период требаше да го испрати списокот на играчи до ЕХФ, односно да ги објави селектираните играчи за првите квалификациски натпревари во октомври.

Рокот за испраќање на списоците завршува за два дена, па оттука се поставува прашањето дали БиХ ќе настапи на квалификациите, со оглед на тоа дека пред квалификациите секоја репрезентација обавува базични подготовки и ги анализира своите ривали, но и дали новиот селектор ќе има доволно време да ги селектира најдобрите домашни играчи и оние кои што настапуваат во странство.

БиХ квалификациите за пласман на ЕП 2024 треба да ги започне на 13 октомври против Словенија, потоа три дена подоцна на свој терен ќе ја пречека Црна Гора. Иако пред извесен период босанските медиуми како наследник на повремениот селектор Тони Чолина, кој ја презеде функцијата од Ивица Обрван, го споменуваа искусниот Ирфан Смајлагиќ, од најавените шпекулации, моментално, нема ништо.

Во следните два дена треба да се знае целата ситуација околу новите имиња во стручниот штаб на машката репрезентација на БиХ, која на Европското првенство во Унгарија и Словачка го доживеа наголемиот неуспех во својата историја.

Ракометарите на БиХ освен со Словенија и Црна Гора треба да играат и со репрезентацијата на Косово. Босанците во првите квалификации за пласман на СП 2023 беа елиминирани од нашиот јужен сосед и утеха ќе бараат во квалификациите за континенталниот собир во Германија, но со кој селектор и со каков играчки кадар, останува непознато.