Жереми Тото: Вардар и навивачите нека бидат мирни – ќе го дадам својот максимум до крај

Пивотот на Вардар, кој од почетокот на сезоната игра во одлична форма, Жереми Тото, на крајот од овој шампионат во јуни го напушта клубот и се сели во првенството на Франција. Тој практично се враќа дома бидејќи пред да се пресели во во Висла Плоцк играше за екипите на Кретеј и Ст. Рафаел.

Нант ќе му биде нов домашен клуб во кариерата, но далеку поконкурентен и сигурно ќе биде големо засилување за клубот каде што во моментов настапува и Кирил Лазаров.

„Навистина сум среќен што се враќам во Франција, после три години. Потпишав за клуб кој има одличен проект и се надевам дека ќе оствариме добри резултати во следните сезони. Пред да донесам некаква одлука или да заземам позиција му дадов предност на Вардар во преговорите бидејќи се чувствувам навистина убаво во Скопје. Би можел без проблем да останам уште неколку години “, вели Жереми Тото за 24 Ракомет.

Неколку месеци е во Вардар, а вели дека тука се чувствува одлично и дека е пријател со сите. Воедно е задоволен и од тоа како е прифатен во екипата.

„Имам одлични односи со сите играчи во тимот и со комплетниот стручен штаб во Вардар. Веќе склопив и пријателство со сите од нив. Тука бев одлично прифатен уште од првиот ден. Кога пред неколку месеци дојдов во Македонија имав одличен пречек. Сите луѓе кои ги запознав во градот и во земјата се многу љубезни и ми посакаа добредојде. Добронамерни се. За мене исто така е неверојатно чувството да ја почувствувам и атмосфетата во салата кога играме во Лигата на шампионите. Без сомнеж тоа е најдобрата атмосфера во ракометниот свет“.

Игра во одлична форма, но не сака да зборува на тој начин за себе. Повеќе сака да зборува во стил дека добрата форма се должи на тимската игра.

„Тоа што одиграв добро на почетокот на сезоната е заслуга и на моите соиграчи бидејќи зависам многу од нив особено во нападот. Ракометот е тимска игра, а јас секогаш сум во служба на тимот. Нант го одбрав најмногу од семејни причини, но и поради тоа бидејќи проектот на клубот е одличен. Претставниците на Нант дојдоа дури во Скопје за да се договориме. Неверојатна беше и понудата на Гепинген. Ќе имав одлични услови и таму. Сепак, решив да се вратам во Франција“.

Има свое размислување и за игрите на Вардар и конкурентноста во однос на тимови со квалитет на Кил, Барселона, Веспрем, Келце…

„Да бидам искрен, ова е мое лично мислење, во моментов не сме способни да се натпреваруваме со такви тимови бидејќи сме заедно само неколку месеци. Ни треба повеќе време за да се уиграме, да изгледаме како тим и да бидеме конкурентни со клубовите чии играчи се подолго време заедно“.

Тој има и порака за навивачите на Вардар, но и за неговите фанови.

„Мојата порака е едноставна. Клубот и навивачите можат да бидат уверени дека до крајот на сезоната на теренот ќе го давам мојот максимум за Вардар. Се надевам дека навивачите ќе ја разберат мојата одлука и ќе сфатат дека не можам да ги контролирам сите работи. Имам голема почит кон клубот и кон енергијата и силата што ми ја даваат навивачите од стартот на сезоната“.

На вчерашната средба против Пик Сегед не беше на терен. Тој поради повреда мораше да го пропушти дуелот против тимот од Унгарија, но би требало да се најде во составот за дуелот кој ќе се игра во Скопје следниот четврток од 20:45 часот.