Екипата на Еурофарм Пелистер имаше две различни полувремиња на гостувањето во Загреб, но се враќа од овој дуел со пораз од 23:26.
Ракометарите на тимот од Битола имаа одлично прво полувреме во кое го диктираа темпото и постојано беа во предност. Одработија подобро и во нападот и во одбраната така што од стартот практично имаа игра која ги водеше кон позитива.
Иако испитувањето на силите практично траеше 10-12 минути, сепак, после 4:4 во овој период дојде до промена на ритамот и Еурофарм Пелистер поведе со 6:4, а овие два гола се одржуваа, па после 20минути игра предноста беше и три гола, 11:8.
Домашните не можеа да следат, а тоа овозможи составот на Еурофарм Пелистер да замине на одмор со предност од 14:11.
Овој резултат беше најава за убав епилог на гостувањето во Загреб, а така наликуваше и после 16:11 во 33. минута. Сепак, кога се очекуваше да биде засилен ритамот и да се влезе во завршницата уште појако дојде до пад. Од 17:12 во 36. минута во 43. минута се дојде до 17:17.
Матеј Ашанин беше играчот кој создаде разлика бидејќи почна да брани одлично и да запира зицер ситуации. Ова овозможи ППД Загреб да го сврти мечот и да го однесе во завршница во која лесно се снајде против Еурофарм Пелистер. Ракометарите на тимот од Битола беа во пад и тоа резултираше со пораз од 23:26.