Ракометарите на Вардар го загубија натпреварот од полскиот првак Келце во осмото коло од Лигата на шампионите со убедливи 35-25. Домашниот тим уште од стартот си го фати редот и стекна солидна залиха а Вардар во ниту еден момент не успеа да се закани и да ја намали на повеќе од минус два.
Келце отвори со предност од 2-0, а првиот гол за вардарци го постигна Чупиќ од пенал. Потоа домашните стрелаа уште два пати во серија за 4-1 и ја одржуваа таа разлика во следниот период. Чупиќ имаше шанса од пенал, а потоа и зицер од крило за минус еден во 15. минута, но Вулф ги одбрани неговите удари.
И Кугис одбрани пенал на Вујовиќ, но неговите соиграчи згрешија во нападот, па Келце стигна до највисоки дотогаш плус пет, 12-7 преку Каралек. Беше и 15-10, но Калараш и Стоилов со головите од контранапад се погрижија да нема потоп по првиот дел, 15-12. Сепак до крајот на полувремето, Келце ги одржа тие три гола разлика и покрај одличното издание на Кизиќ, 17-14.
Дисингер намали на 17-15 на стартот на вториот дел, но потоа неколку грешки на вардарци и казните стигнаа, па Келце ги врати плус петте, 20-15. Домаќинот имаше и шест гола разлика, иако Кизиќ бранеше солидно во овој период. Атман никако не можеше да се вклопи во нападот, па Кокшаров често менуваше со Чупиќ на десната бековска позиција.
Келце стигна до 28-21 на десетина минути до крајот, но Дибиров и Скубе набрзина намалија на 28-23. Домашните се вратија на 30-23 и до крајот одработија рутински за конечни 35-25. Најдобри стрелци кај Келце беа Карачиќ и Каралек со шест голови, додека кај Вардар, Дибиров имаше седум, Скубе шест, а Стоилов пет гола. Во следното коло нашиот тим гостува кај Мешков Брест.