Тимот на Астибо предводен од Марија Анчева славеше триумф во Женската лига, откако на домашен терен беше подобар од Деспина Прилеп со 26-21. Гостинките парираа во првиот дел, но штипјанки во второто полувреме го скршија нивниот отпор.
Деспина водеше со 5-4, но Анчева со три гола по ред донесе 7-5 за Астибо. До крајот на првите триесет минути, домаќинките водеа со два или три гола предност, а на пауза се замина со 11-9.
Клучниот период се случи при резултат 18-16 за Астибо. Тогаш ракометарките на Деспина погрешија во неколку наврати, беа казнети со голови во својата мрежа и штипјанки веќе имаат пет плус, 21-16.
Во финишот поради три исклучувања црвен картон доби Маја Ристеска од Деспина, а предноста од пет гола домаќинките само рутински ја одржаа до самиот крај и бодовите останаа во Штип.
Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Марија Анчева со 13 гола, а пет постигна Викторија Ананиева, додека голманката Ангела Петрушева запре 13 удари. Во составот на Деспина се истакна Михаела Петреска со девет погодоци.