АМС додели ваучери: Повеќето клубови и РФМ добија помалку од лани (ФОТО)

Клубовите и спортските федерации денеска ги дознаа износите на ваучерите за 2022 година кои ги доделува Агенцијата за Млади и спорт, а тие се главно помали отколку што добија пред една година.

Вардар повторно има добиено најголем ваучер, но тој е помал за 1.500.000 денари отколку во 2021 година. Повторно на листата следуваат Еурофарм Пелистер и Металург. И тие имаат помали ваучери. Еурофарм Пелистер доби еден милион денари помал ваучер, а Металург за дури пет милиони денари.

Клубот кој доби повисок ваучер од лани е Бутел Скопје, кој сега има 10.500.000 денари што е за два милиони повеќе од 2021 година.

Кај дамите исто како и лани најмногу доби Металург. Сепак, во споредба со 4 милиони денари лани сега ваучерот изнесува 3.600.000 денари. Сега имаат речиси израмнети со Куманово. За разлика од лани кумановки сега имаат 3.400.000 денари што е за 100.000 денари помалку отколку минатата година.

Што се однесува до Ракометната федерација на Македонија, таа одново е федерација со најголем ваучер. Сепак, помал е отколку пред една година, но за 200.000 денари. Сега сумата е 15.800.000 денари.

Доделени спортските ваучери: Вардар доби 310.000 евра, Еурофарм Пeлистер и Металург по 285.000 (ФОТО)