Чупиќ: Не бараме сензација во Париз, но не одиме ниту со бело знаме

Пред заминувањето за Париз, ракометарите на Вардар покажуваат дека и на ова тешко гостување ќе се обидат да го задржат нивото на кое играат во последните две недели.

Тие обезбедија победа над Флензбург и реми против Порто, но сега им следува силен предизвик против ПСЖ, тим кој е во криза и кој после три порази во четири кола нема право на нови грешки туку мора да оди на победа.

Вардар на овој дуел нема друг избор освен да се обиде да тргне со сите сили кон нов добар резултат. Едноставно нема што да загуби во Париз така што е јасно дека ќе може да се одигра концентрирано и мирно.

На ракометарите е да ја оправдаат довербата на Алушовски и на тој начин да се обидат да го спроведат на терен она што е подготвувано на тренинзите.

Еден од оние кои се во тимот подолго време односно играч кој има учествувано во голем дел на успеси на тимот и постигнувано клучни голови, Иван Чупиќ и сега е во центарот на вниманието, па се очекува да биде меѓу оние кои ќе повлечат на теренот.

„Тимот на ПСЖ има три порази и не е во добра ситуација. Сите знаеме какви се целите на ПСЖ и што сака во оваа група. Во клубот сакаат Ф4 турнир и сигурно не играат добро како во лигата на Франција. Имаат голем притисок бидејќи веќе нема време за поправање на грешките туку мора да се победи на 3-4 натпревари по ред за да се тргнат од дното на табелата. Ние на три натпревари во ЛШ имаме три бода, но можевме да имаме повеќе. На секој натпревар играме подобро. Ниту ние самите ниту другите не бараме сензација во Париз. Ги анализиравме средбите на ПСЖ, имавме тренинзи цела недела и да се подготвувме и не одиме со бело знаме во Париз. Индивидуалните квалитет се на страна на ПСЖ, но со добра одбрана и враќање на нивната трнзиција и со добар голман можеме да направиме притисок. Ако даде Господ и биде добар натпревар од наша страна и успееме да го донесеме натпреварот во последните 10-15 минути во некоја нервоза плус/минус два гола би имале шанса за добар резултат“, изјави Чупиќ пред заминувањето за Франција.

Средбата се игра в среда, а почетокот на натпреварот е во 18:45 часот.