Десниот бек на Веспрем и на унгарската репрезентација, Зоран Илиќ, на лето заминува и ќе се пресели во бундеслигашот Хамбург, со кој се договори за двегодишна соработка.
Кружниот напаѓач на Штутгарт и шведски репрезентативец, Оскар Бергендал, до крајот на сезоната ќе ги брани боите на шампионот Магдебург и ќе биде замена за повредениот Данец Саугструп.
Данскиот вицепрвак Алборг го промовираше словенечкиот плејмејкер Алекс Влах, кој потпиша договор на три сезони и од Целје на лето ќе се пресели во Данска, каде ќе биде замена за Палмарсон.
Некогашното десно крило на Вардар и на ЦСКА Москва, Екатерина Љубјанаја, го промени клубот во Израел. Од Макаби Аразим Рамат Ган, руската интернационалка се сели во Макаби Ришон Ле Зион, каде ќе биде колешка на Драгана Петковска.
Црногорската репрезентативка Марта Батиновиќ, на лето ќе го смени клубот, но ќе остане во Романија. Таа заминува од Глорија Бузау и ќе се пресели во Магура Чиснадие, каде што игра македонската репрезентативка Елена Ѓорѓиевска.
Голманот на Загреб, Дино Славиќ, по две сезони минати во хрватскиот шампион, одново ќе стане интернационалец. Тој се договори со францускиот Лимож и потпиша договор на две сезони.