СТРУГА 2020: Неизвесност до самиот крај, Охрид ги освои бодовите против Бутел Скопје

Ракометарите на Охрид ги освоија првите бодови на Струшкиот турнир откако славеа во неизвесен натпревар кој беше решен во самиот финиш против тимот на Бутел Скопје со 24-25.

Охриѓани погодија во првиот напад преку десниот бек Тот, а потоа од пенал израмни Печенковски. Потоа имаше период на грешки и одбрани на голманите, па 1-1 остана до 10. минута. По неколку грешки во нападот на избраниците на Раде Стојановиќ, Бутел се одлепи и поведе со 6-3 по петнаесетина минути игра. Преку капитенот Спасовски, Бутел стигна до 7-5, но тогаш неговите соиграчи како да застанаа.

Се нижеа грешките во нападот и одбраната, па Охрид кој на голот го имаше младиот Брауновиќ, направи пресврт и со головите на Блажески и Андоновски стигна до водство, 7-9. Набрзина Бутел со двата гола на Мајиќ израмни на 9-9 во 26. минута, а на пауза Охрид замина со предност 9-10, откако капитенот Андоновски погоди изненадувачки од слободен удар во мрежата на Блажески.

На стартот на вториот дел Охрид веднаш зголеми на 9-11, но Даскалоски забележа две интервенции во серија и Бутел ги казни грешките на ривалот со пресврт и водство 13-11. Тот бргу намали, a потоа неговите соиграчи израмнија на 13-13. Дојде редот на бутелци, кои во 42. минута преку Печенковски стигнаа до 16-13, но беа брзоплети во следните напади и Охрид преку Манасков се врати на 16-15. Грчевски им даде шанса на помладите кои имаа серија грешки, па Охрид израмни на 19-19 на десетина минути до крајот.

Беше и 20-20, па 21-21 со голот на Печенковски, пред двете екипи да направат неколку грешки во нападот. Чагаљ донесе водство на Охрид 21-22, но повторно од пенал Печенковски израмни, а гол предност за Бутел создаде Мајиќ, 23-22. Во финишот поставите се измешаа, шанса добија сите од клупата, а на три минути до крајот Манасков израмни на 23-23.

Бутелци направија две пробивања, па Чагаљ реализираше за 23-24, а во последната минута, Мартин Ивановски погоди за 25-23 и победа на Охрид. Ѓоргиевски само ги постави конечните 24-25. Тот и Блажески дадоа по пет голови за охриѓани, додека Печенковски даде исто толку за Бутел Скопје.

48. РАКОМЕТЕН ТУРНИР СТРУГА 2020
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ

СРЕДА, 12 АВГУСТ

СТРУГА – ПРИЛЕП 28-32
БУТЕЛ СКОПЈЕ – ОХРИД 24-25
21:15ч ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – МЕТАЛУРГ

ЧЕТВРТОК, 13 АВГУСТ

17:15ч БУТЕЛ СКОПЈЕ – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2
19:15ч МЕТАЛУРГ – ПРИЛЕП
21:15ч ВАРДАР – ОХРИД

ПЕТОК, 14 АВГУСТ

17:15ч СТРУГА – МЕТАЛУРГ
19:15ч ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – ПРИЛЕП
21:15ч ВАРДАР – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2

САБОТА, 15 АВГУСТ

17:15ч ОХРИД – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2
19:15ч СТРУГА – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР
21:15ч ВАРДАР – БУТЕЛ СКОПЈЕ

НЕДЕЛА, 16 АВГУСТ

10:00ч НАТПРЕВАР ЗА 7. МЕСТО
17:15ч НАТПРЕВАР ЗА 5. МЕСТО
19:15ч НАТПРЕВАР ЗА 3. МЕСТО
21:15ч ФИНАЛЕ