Промени во системот на Прва лига: Ќе се игра турнирски и полусезоната завршува на 25 октомври

Пандемијата со Ковид 19 го крои распоредот на натпревари и налага измени во тек на сезоната, а најновите покажуваат дека натпреварите од Првата машка лига ќе се играат турнирски место по лига систем како што беше планирано.

Ова значи дека секој викенд ќе има по два града кои ќе бидат домаќини на натпреварите во групите. Практично во секој град ќе има по четири натпревари на ден и есенскиот дел од шампионатот би траел од 4 до 25 октомври.

Потврда за оваа измена добивме од дел од екипите кои се во Првата лига. Сите се известени дека првенството стартува на 4 октомври. Натпреварите ќе бидат организирани во една сала и според протокол така што ќе може да се одработат по четири средби во еден ден.

„Ќе се играат по четири натпревари во ден во една сала. Нема да се користат соблекувални туку доаѓаме на терен за загревање, играме и потоа си заминуваме. Протоколот го налага ова за да се избегне контакт со другите тимови така што ќе мора да се почитува она што е предвидено во протоколот за организација на натпреварите. Првиот викенд имаме еден натпревар, а потоа во следните три ќе имаме по два и во сабота и во недела“, велат за 24 Ракомет од дел од клубовите од Првата машка лига.

Инаку, натпреварите ќе стартуваат на два часа, а седум кола би требало да се одиграат до крајот на октомври. Ова значи дека со еден тест ќе може да се играат две средби за викенд, па практично прволигашите ќе мораат четирипати да се тестираат есенва со оглед на тоа што ќе бидат одиграни само седум кола и после нив ќе се знаат тимовите кои одат во плеј-оф и во плеј-аут.

Домаќините на секој турнир односно на секое коло се одредени со ждрепка, а распоредот останува истиот кој беше утврден пред почетокот на сезоната. Инаку, сезоната стартува во Скопје и во Кичево кои се првите градови домаќини. Првото коло се игра в недела на 4 октомври, а потоа ќе има две кола на 10 и 11 октомври, па две на 17 и 18 и последните две на 24 и 25 октомври.

Со оглед на тоа што натпреварите се играат на неутрален терен нема да има возвратни дуели така што ќе се одиграат само седум кола.