Потресна исповед на синот на Сарачевиќ: На интернет дознав дека починал татко ми

Легендарниот Златан Сарачевиќ вчера беше погребан во Загреб, откако во неделата почина од срцев удар по мечот меѓу Подравка и Локомотива.

Кон вечното почивалиште го испратија голем број на хрватските легенди, ракометари, тренери, пријатели, а меѓу сите луѓе беше и неговиот 15-годишен син Ноел.

Во изјава за унгарскиот „Блик“, Ноел вели дека се уште не може да се врати од шокот. Тој дознал од интернет за страшната вест.

„Добив неколку пораки со сочувство, но немав поим што се случува. Бидејќи повеќето од пораките ми доаѓаа од Хрватска, влегов на Интернет за да проверам. Дури тогаш дознав дека татко ми починал од срцев удар. Деталите беа шокантни, оваа трагедија дојде толку неочекувано. Дури и сега не можам да верувам дека него го нема”, изјави Ноел.

Тој е син од првиот брак на Сарачевиќ во Унгарија, додека беше дел од гигантот Веспрем. Ноел Сарачевиќ веќе е активен ракометар и настапува за унгарскиот прволигаш Веспрем ККФТ.

„Татко ми живееше во Хрватска, а јас во Унгарија. Пред пандемијата, секој летен одмор го поминував со него. Кога започнаа карантините, не се гледавме некое време, но разговаравме на телефон многу чест“, изјави Ноел.