ПИК Сегед не дозволи ново изненадување, го испрати Алборг со празни раце

Во еден од дерби натпреварите во Лигата на шампионите од Групата А, ПИК Сегед на свој терен славеше победа против дански Алборг со 31:28.

Ракометарите на ПИК Сегед во првото полувреме покажаа подобра игра од својот противник. Шампионите на Унгарија уште од самиот старт започнаа полека да ја градат својата предност. Предводени од левиот бек, Борут Мачковшек кој речиси погодуваше без грешка, домаќините имаа водство од 5:4 по десет минути игра.

Ракометарите на Алборг не можеа да се спротистават на налетот на расположените домашни ракометари. По петнаесетина минути игра, ПИК Сегед имаше солидна предност од 9:5. Избраниците на Хуан Карлос Пастор продолжија со исто темпо во преостанатиот дел од првото полувреме. Унгарскиот шампион на пауза замина со предност од четири гола разлика, 17:13.

Алборг со серија од три гола намали на само еден негатива, 16:17. На трите брзи гола на данскиот тим во второто полувреме, екипата на ПИК Сегед преку Гарсиандиа, Бомбач и Банхиди возрати за 21:17. Полека започна да се враќа големата самодоверба во домашната екипа која започна да погодува од сите позиции. Во 45. минута резултатот беше 24:19 за екипата на ПИК Сегед.

Како што одминуваше времето, Алборг се повеќе притискаше и повторно се враќаше во игра. На десет минути пред самиот крај поради осилациите во играта кај своите ракометари, Хуан Карлос Пастор побара тајм-аут. Алборг со голот на Феликс Клар повторно се врати на минус еден негатива, 24:25. До крајот останаа седум минути, а во нив и двете екипи направија неколку грешки и промашувања. ПИК Сегед ја сочува предноста до самиот крај и се израдува на третата победа во новата сезона од Лигата на шампионите.

Најефикасни во ПИК Сегед со по пет гола беа Борут Мачковшек, Бенце Банхиди и Иманол Гарсиандиа. Во екипата од Данска добра партија одигра Себастијан Бартолд со седум гола.