Гаџа: Даваме многу голови, но имаме простор за уште напредок

Организаторот на играта на Вардар, Анте Гаџа ќе има тешка задача в среда кога ќе треба против Кил да го крене нивото на ритам и да донесе многу повеќе простор за игра на другите во екипата и секако и со свои погодоци да помогне во остварувањето на добар резултат.

Досега нападот функционира одлично, а самиот верува дека ќе може да се најде добро решение и овој пат за да се оствари посакуваното и да се постигнуваат поголем број на голови.

„Се надевам дека ќе најдеме решение. Има простор за напредок иако даваме доста голови. Во некои моменти ниту ние не сме задоволни како изгледа сето тоа на терен. Има уште многу работа. Против Кил мора многу концентрација во напад бидејќи ги казнуваат сите грешки. Брзо трчаат во контра или полуконтра и со два пивоти тоа го решаваат добро. И тоа ќе биде доста добар дел ако сакаме да победиме на овој натпревар“, изјави Гаџа на денешниот прес пред натпреварот со Кил.

Тој смета дека ќе биде научена лекцијата од поразот против Монпелје пред две недели и дека ќе може да се очекува добар резултат и радост за навивачите, кои беа во одлично издание кога и покрај поразот им дадоа поддршка на ракометарите.

„После двете победи сакавме победа и против Монпелје дома. Атмосферата беше преубава и после славеето беше преубаво. Сакавме да го направиме истото, но не успеавме. Се гледа дека Монпелје е силен тим. Тоа се потврди и на дуелот против ПСЖ на кој играа егал 60 минути и мислам дека на тој натпревар и покрај сите наши грешки имавме шанси, но промашивме. Публиката ни се заблагодари бидејќи виде дека се бориме и сакаме да победиме. Најважно е да ја покажеме нашата емоција и дека се трудиме. Се надевам дека тоа ќе го видат и дека на крајот од натпреварите секогаш ќе не поздравуваат“, коментираше Гаџа.

Во оваа сезона Гаџа е прв избор на позицијата среден бек, а покажува дека ќе може да го понесе товарот кој е пред него со оглед на одговорноста која ја има во играта.