Веспрем не дозволи изненадување, го испрати Загреб со полна мрежа голови

Ракометарите на Веспрем имаа уште едно убедливо издание во Лигата на шампионите со што потврдија дека се едни од главните фаворити сезонава. Во второто коло Веспрем пред своите гледачи во добро потполнетата арена го декласираше Загреб со 37:25.

Екипата на Загреб го имаше само почетното водство на натпреварот, со головите на Буриќ и Хрстиќ поведе 1:0 и 2:1, но потоа домаќинот имаше целосна контрола на натпреварот и резултатот.

Ненадиќ, Штрлек и Борозан се погрижија за предност од 6:3 на Веспрем веќе во шестата минута од дуелот. Како одминуваше првиот дел позитивата во корист на домашниот тим се зголемуваше, во 20. минута беше 13:9. До крајот на првото полувреме Веспрем стигна до највисоката предност од шест гола, 18:12 со кој отиде на пауза.

Вториот дел беше рутинско одработување од поквалитетниот состав на теренот. Избраниците на Давид Дејвис одлично го отворија вториот дел, по шест минути игра имаа 24:15, а во 40. минута беше првпат двоцифрена разлика 26:16. До крајот на натпреварот разликата само се зголемуваше и стигна до 12 гола.

Дејан Манасков имаше солидно издание и постигна три гола. Најефикасен во тимот на Веспрем беше Омар Јахија со шест погодоци, Ненадиќ постигна пет. Во екипата на Загреб најмногу се истакна Хрстиќ со шест гола, додека Мандиќ постигна четири.