Завршните турнири во ЛШ и ЛЕ ќе минат без македонски судии

Европската ракометна федерација ги објави судиските двојки кои ќе ја делат правдата на трите завршни турнири во европските клупски натпреварувања – машкиот и женскиот Ф4 во Лигата на шампионите, како и машкиот Ф4 во Лигата на Европа.

Во Хамбург, каде ќе се игра завршницата на Лигата на Европа, полуфиналето меѓу Монпелје и Кил ќе го судат хрватските арбитри Томислав Циндриќ и Роберт Гонжурек, додека австриската двојка Денис Болиќ и Кристоф Хурих е делегирана за германската пресметка меѓу Мелсунген и Фленсбург.

Големото финале во Хамбург е доверено на шпанските судии Андреу Марин и Игнасио Гарсија.

На женскиот Ф4 турнир во Будимпешта во ЛШ, данската двојка Мадс Хансен и Јеспер Мадсен ќе го суди дуелот меѓу Мец и ЧСМ Букурешт, додека босанските арбитри Татјана Праштало и Весна Балван ќе бидат задолжени за мечот меѓу Брест и Ѓер.

Финалето во Будимпешта ќе го суди српската двојка Вања Антиќ и Јелена Јаковљевиќ.

Круна на сезоната традиционално ќе биде со Ф4 во Келн, каде за европската титула ќе се борат Магдебург, Фуксе Берлин, Алборг и Барселона.

Црногорските судии Иван Павичевиќ и Милош Ражнатовиќ ќе ја делат правдата на германското полуфинале меѓу Магдебург и Берлин, додека босанските браќа Амар и Дино Коњичанин се делегирани за дуелот меѓу Алборг и Барселона.

Норвежаните Ларс Јорум и Хавард Клевен ќе бидат главни судии на големото финале во Келн.