Германскиот репрезентативец Јоханес Гола сака да се врати во поранешниот клуб, но Фленсбург засега ја исклучува таа можност.
Директорот на Фленсбург, Холгер Гландорф, ги намали надежите за враќање на кружниот напаѓач Јоханес Гола во клубот во текот на оваа сезона.
По петочната победа над Хановер со 39-32, Гландорф за германската телевизиска платформа „Дин“ порача дека клубот ги почитува договорните обврски. На прашањето дали постои можност Гола да се врати во Фленсбург следната сезона, директорот не сакаше да коментира.
Гола минатото лето го напушти Фленсбург и се пресели во Мелсунген, но по само три месеци изразил цврста желба повторно да го облече дресот на поранешниот клуб. Во меѓувреме, прекината е и долгогодишната соработка со неговата агенција, со која бил поврзан повеќе од една деценија и која го реализираше трансферот во Мелсунген.
Спортскиот директор на Мелсунген, Јеспер Ларсон, претходно откри дека клубот го одбил барањето на Фленсбург за трансфер на ракометарот, но остави простор за евентуални разговори во иднина.
Засега, враќањето на Гола во Фленсбург во текот на актуелната сезона не е опција, а останува отворено прашањето дали двата клуба ќе најдат решение во иднина.


























