Stephan VITZTHUM (delegate) and Kristijan GRCHEVSKI (coach), North Macedonia vs Türkiye, Women's EHF EURO 2024, Austria, Hungary, Switzerland, 30.11.2024, Mandatory Credit © Jozo Cabraja / kolektiff

„Задоволен сум 60%, некои играчи треба да се замислат – овој дрес има тежина“

Женската репрезентација на Македонија со пораз го заврши настапот на Европското првенство 2024, откако во последното коло од групната фаза загуби од Унгарија со 29:19.

По доброто прво полувреме, во кое „црвено-жолтите“ добро парираа, но и водеа, во вториот дел дојде до израз квалитетот меѓу двете репрезентации.

Селекторот на Македонија, Кристијан Грчевски, го анализираше поразот од Унгарија и истакна дека во иднина треба да се работи на подобрување на реализацијата и концентрацијата.

,,Одигравме добро прво полувреме, но ги повторувавме истите грешки како на претходните два натпревари, реализацијата ни е најголем проблем, ни треба повеќе концентрација, да се намалат техничките грешки, доколку се подобри тоа, мала концентрација во чисти ситуации,, мислам дека можеме да играме за медал. Неискуството си го направи своето, но се надевам дека ќе се поправат грешките и реализацијата на индивидуално ниво, девојките си знаат каде треба да се подобрат, но и со добра подготовка во клубовите, бидејќи репрезентацијата е одлика на клубовите, па така само со заеднички сили може да дојдеме до позитивни резултати”, изјави Грчевски.

Стартегот на Македонија вели дека е задоволен 60%, но однеколку играчи воопшто не е задоволен и дека мора со многу труд да се дојде до репрезентативниот дрес.

,,Можам да кажам дека 60% сум задоволен, 40 не сум, но сепак, ова за нас е едно големо искуство, неколку ракометарки за првпат настапуваат на ЕП, не знаат што е голем турнир, како што кажав пред почетокот на ЕП, ова е големо искуство, добивме неколку играчи, а неколку играчи треба да се замислат дали треба само да се појават во репрезентација и ништо да не придонесат, овој дрес има тежина и мора да се работи максимално за да се заслужи овој дрес”, заврши Грчевски.

Македонија на стартот на ЕП беше поразена од Шведска, потоа во второто коло од ЕП одигра реми против Турција, а со денешниот пораз веќе го заврши настапот на континенталниот собир.

Македонија со пораз од Унгарија го заврши настапот на ЕП