Машката кадетска репрезентација на Македонија со пораз од Словенија со 33-30 го отвори настапот на Европското првенство во Србија. Иако нашите момци водеа во повеќе наврати со седум гола, имаа и прилики за осум плус, не ги реализираа, па една „црна дупка“ во вториот дел беше клучна за големиот пресврт на Словенија, кои на крајот се радуваа на стартен триумф што им ги отвора вратите на главната рунда.
Одлично тргнаа македонските кадети и предводени од голманот Николовски, кој бранеше на ниво, успеаја полека да градат предност. Најчесто македонската предност беше два до три гола.
Пропуштивме две прилики да се одлепиме на плус четири по дваесетина минути игра кога беше 10-7, па 11-8, и словенечкиот селектор Шибила мораше да бара тајм-аут, а до крајот на паузата продолжи доминацијата на Македонија.
Беше 18-11 со голот на Костов, но Словенците организираа брз напад и погодија во последните секунди пред одморот за 18-12 и надеж за вториот дел. Словенците го промашија првиот напад во второто полувреме, а Поповски погоди за седум плус, 19-12.
Беше 22-15 за Македонија, но тогаш нашите кадети влегоа во лоша серија. Нашата одбрана лесно беше пробивана, во нападот имаше многу технички грешки, а згора на се и словенечкиот голман Каменица бранеше одлично.
Десет минути немавме постигнато гол, Словенија израмни на 23-23, Кузманоски побара два тајм-аута во тој период, но ништо значајно не се промени во играта. Словенците и натаму лесно погодуваа, па Фехми застана на голот наместо Николовски.
Ривалот поведе со два гола, 26-24, кога остануваа уште 12 минути за игра, но Николоски погоди два пати по ред и во последните десетина минути се влезе со 27-26. Конечно промашија Словенците и тргнавме во напад за реми, но не беше реализиран.

Фехми одбрани зицер и Македонија одново тргна во напад, кој го погоди Николоски за 28-28 и вистинска драма во завршницата. Беше 29-29, по грешката на Словенија, имаше напад за Македонија, но не беше реализран, потоа судиите не досудија очигледен фаул над Вујичевски и Словенците преку контра напад зголемија на 31-29.
Костов погоди од тешка ситуација за 31-30 на 70 секунди до крајот, но примивме лесен гол за 32-30 и немаше време за нешто повеќе на овој меч. Подвршиќ имаше осум реализации за Словенија, додека Вујичевски и Костов беа најдобри стрелци во македонскиот состав со по шест погодоци.
Денеска во вториот меч од првото коло, Шведска ќе игра со Франција. Утре е втората пресметка на Македонија од 12:00 часот против селекцијата на „триколорите“.
























