Македонскиот репрезентативец Мартин Серафимов не го крие задоволството по трансферот во Еурофарм Пелистер, нагласувајќи дека настапот за битолскиот клуб бил една од неговите најголеми желби во кариерата.
Новиот ракометар на македонскиот вицепрвак истакна дека со години ја чувствувал специфичната атмосфера во салата „Боро Чурлевски“ како противнички играч, а сега со нетрпение го очекува моментот кога ќе заигра пред битолската публика во зелено-белиот дрес.
„Нема што да лажам, Еурофарм Пелистер и Битола беа моја голема желба. Секогаш кога доаѓав тука како противник ја чувствував фантастичната атмосфера, а сега ќе имам можност да бидам дел од овој тим. Едвај чекам да влезам на теренот и заедно со соиграчите и да се бориме за секоја топка. Можам да ветам дека секогаш ќе го оставаме срцето на теренот и ќе дадеме сѐ од себе за да дојдеме до што подобри резултати“, изјави Серафимов.
Тој посочи дека во соблекувалната затекнал одличен спој на квалитетни домашни и странски ракометари, а со посебни зборови зборуваше и за новиот тренер Лино Червар.
„Во тимот има многу одлични играчи и македонски репрезентативци. Полека се запознаваме и со странците. Со Лино Червар се знаеме уште од моите почетоци во Металург, го знам од дете. Отсекогаш сум гледал на него како на еден од најголемите ракометни авторитети и сигурен сум дека имам уште многу да научам од него. Тој е Бог и татко на ракометот. Се надевам дека ќе дадам значаен придонес во остварувањето на целите на клубот“, заврши Серафимов.
Десниот бек во редовите на Еурофарм Пелистер пристигна од Автокоманда, каде што настапуваше во изминатите пет сезони и беше еден од најважните играчи. Со неговото доаѓање, битолскиот тим добива дополнително засилување во пресрет на новата сезона и настапите на домашната и европската сцена.






















