Репрезентацијата на Катар, која е предводена од Веселин Вујовиќ, загуби од Холандија со 38:37 со гол во последната секунда, па така азиската селекција против Македонија ќе ги бара првите бодови во главната фаза.
Популарниот Вујо зборуваше за загубениот натпревар, како и за соочувањето со репрезентацијата на Македонија, а прва негова задача, после денешниот пораз. ќе биде да го оправи тимот физички и психички.
„Морам да кажам дека секако ја следам репрезентацијата на Македонија веќе долго време и на ова првенство направија сериозен исчекор кон модерен ракомет, тоа морам да го признаам. Системот и начинот на кој играат и се борат е многу добар. Можеби Кире можеше да повика некои подобри играчи од овие тука, ама мислам дека се реши да повика поперспективни, што исто така е голем исчекор. Добро е да имаат голема мотивација и да се борат. Не им беше лесно да играат против Австрија кои играат на така дисциплиниран начин „седум на шест“. Мислам дека доколку играше Австрија така против нас, ќе ги добиевме. Мене прва желба ми е да го опоравам тимот и физички и психички после ваквиот пораз, друго е кога Кузмановски ќе даде гол од 13- метри, а друго е кога ќе примите ист таков гол за пораз. Не е исто чувството после натпреварот”.
Вујовиќ за натпреварот со Македонија посакува двете репрезентации да одиграат на ниво.
,,Нема да биде лесен натпревар против Македонија, но мислам дека имам играчи кои можат да играат добра одбрана против Македонија која не е така брза и не трча како Холанѓаните. Не би го прогнозирал натпреварот кој според мене ќе биде неизвесен, а доколку би требало да дадам предност, би и дал на Македонија поради мотивацијата, младоста и полетноста. Ќе се трудиме да одиграме најдобро што можеме, ако победимем тоа ќе биде супер, а ако загубиме, секако дека ќе честитам. Македонците имаат уште некаква математика дека можат да се пласираат во четвртфиналето. Посакувам само добар натпревар и нека победи подобриот“, изјави Вујовиќ.
„Лалињата“ во последната секунда го скршија Катар и останаа во игра за четвртфинале!