ЛУДА ЗАВРШНИЦА ВО РАДОВИШ: Три гола за девет секунди, по видео-драмата остана реми!

Радовиш и Драчево Јуниор ги поделија бодовите откако во драматичен натпревар одиграа нерешено 33-33. Домаќините се спасија од пораз на само пет секунди до крајот, а последниот збор го имаа судиите по прегледувањето на видеоснимката.

Гостите подобро го отворија натпреварот и во почетниот период водеа со 3-1 и 6-4. Радовиш полека го пронајде вистинскиот ритам, во 18. минута направи пресврт за 8-7, а потоа стигна и до четири гола предност, 15-11. На паузата домаќините заминаа со водство од 16-13.

Радовиш ја контролираше играта и во првиот дел од второто полувреме. Домашниот состав неколкупати имаше четири гола предност, а во 45. минута на семафорот стоеше 24-20.

Сепак, Драчево Јуниор не се предаде и со серија од 4-0 израмни на 24-24. Гостите потоа целосно се вратија во натпреварот, направија пресврт и на две и пол минути до крајот поведоа со 31-28.

Радовиш одговори преку Стојанче Ристов, Иванче Ончев и Васе Петров и во 59. минута израмни на 31-31. Јован Марковски повторно им донесе предност на гостите, по што домашниот тренер побара тајм-аут.

Следуваше неверојатна завршница. Ристов на 14 секунди до крајот погоди за 32-32, Александар Стојменов само четири секунди подоцна го врати Драчево во водство, но Иванче Ончев на пет секунди до сирената го постави конечниот резултат, 33-33.

Гостите веднаш се обидоа да го погодат празниот гол на Радовиш, а по последната акција протестираа дека домашен ракометар го бранел ударот од просторот од шест метри. Судиите ја прегледаа видеоснимката, но останаа на првичната одлука, па бодовите беа поделени.

Иванче Ончев и Виктор Панчевски беа најефикасни во своите екипи со по осум гола. Стојанче Ристов постигна седум, додека Васе Петров и Филип Костадинов реализираа по шест гола за Радовиш. Кај гостите, Јован Марковски и Теодор Пецаноски постигнаа по шест погодоци.

 

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗