Maшката младинска репрезентација на Македонија ја запиша втората победа на Европското првенство во Романија и славеше против Турција со убедливи 17 гола разлика, 41-24.
Ова значи дека избраниците на Игор Илиевски ќе разигруваат за пласман од 17 до 20 место, додека Турција оди во битка за избегнување на последната позиција и ќе разигрува за пласман од 21 до 24 место. Следниот натпревар е утре против Полска.
Голманите Николовски и Младенов поделија по едно полувреме, и имаа 14 одбрани, двајцата по седум и успешност од 37%. Мики Лазов беше најдобар стрелец со девет погодоци, а шест додаде Поповски, додека пет пати погоди Ѓурмешевиќ.
Победникот на оваа пресметка беше најавен уште по десетина минути, кога Македонија водеше со 8-2, а беше решен по првото полувреме кога нашите момци имаа водство од девет гола, 20-11.
Николовски беше стандардно одличен на голот, најмногу погодуваше Ѓурмешевиќ во првиот дел, а потоа се разиграа и Лазов, Крстевски, Поповски…Турците немаа решенија во одбраната, иако имаа одличен голман, кој запиша десет одбрани за триесетина минути.
На стартот на второто полувреме на македонскиот гол застана Младенов, во одбраната играа Славков, Петрески и Ѓорчески, а селекторот Илиевски им даде шанса на сите ракометари да играат и комбинираше составот. Тоа не се одрази на резултатот и предноста на Македонија само растеше до крајот до конечните 41-24.























