Новиот машки суперлигаш РК Бисинов Фруит Ленд од Велес имаше успешен старт на сезоната, и од гостувањето во Струга се враќа со победа, 31-30 која сигурно ќе им значи многу за натамошниот тек на натпреварувањето. И додека играчите на терен се борат за бодови, во клубот веројатно ќе има судска разрешница или барем така се најавува, а поврзано со сопственоста.
Утринава на официјалниот ФБ профил на клубот осамна пост во кој се најавува „судска разрешница, а виновникот нека си ги сноси последиците“. Досегашниот прв човек на клубот Никола Бисинов иако постојано беше на клупата и меѓу официјалните лица на тимот кога се натпреваруваше во Прва лига и избори пласман меѓу 12-те најдобри, сепак го немаше во Струга.
Во објавата на ФБ се наведува дека при трансформацијата на клубот во АД, „со криминални дејствија“ било исфрлено името на Бисинов од амблемот на клубот, а спомагателот сам се прикажува како основач на клубот. Лани клубот доби спонзор во фирмата Фруит Ленд која се додаде на името на клубот, па така настапуваа под името Бисинов Фруит Ленд. Истото име се наоѓа и на уписот на АД во Централен регистар каде клубот бил регистриран на 7 август 2024 година, а Статутот на клубот е со датум 16 јули 2024 година.
Во документите од Централен регистар за сопственик на РК Бисинов Фриут Ленд е наведен Жарко Ѓошевски, кој е основач и сопственик со основачки влог е 25.000 евра. Таму како Извршен член на Одбори е исто така Жарко Ѓошевски, а како Неизвршен член на Одбори се: Александар Митков, Гроздан Митревски, Никола Бисинов и Љупчо Митревски.
Во делегирањето направено од страна на РФМ за првото коло го нема името Бисинов Фриут Ленд, туку е пријавено дека клубот се вика Фриут Ленд Борец. На сајтот на РФМ се уште не е објавен адресарот на клубовите каде би се видело кои се официјалните претставници на клубот.
Во прилог е целиот пост на ФБ објавен на страната на РК Бисинов Фруит Ленд.
Велешани после долго време имаат можност да гледаат врвен ракомет, но изгледа наместо на спортски план и на терен, енергијата ќе ја трошат на „маса“.