Во 2023 беше младински МВП – сега е пред потпис со Вардар

Откако Вардар реши да го позајми Тунижанецот Мохамед Бакар во Пролет, управата на „црвено-црните“ испразнетото место веројатно ќе го пополнат со македонски играч.

Неколку дена со тимот тренира младинскиот репрезентативец Кристијан Стаменковиќ кој настапуваше за Голден Арт. Леворакиот играч ќе продолжи да се подготвува со екипата, и доколку се вклопи ќе остане со тимот. Тренерот Владо Недановски е задоволен од тоа како Стаменковиќ играше ланската сезона и верува дека ќе може уште повеќе да напредува во Вардар.

Во 2023 година Стаменковиќ беше избран за МВП на Ф4 турнирот во младинска конкуренција што го освои тимот на Голден Арт. Лани играше во одлична форма за Голден Арт, но сега доби понуда од Вардар која не се одбива.

Фото: 24ракомет

Стаменковиќ играше на вториот контролен меч меѓу Вардар и Бутел, што „црвено-црните“ го добија со 36-19. На позицијата на десен бек во моментов во Вардар се Томислав Јагуриновски и Ашреф Маргели.