Велков: За Тиквеш сезоната беше успешна

На едно коло до крај на сезоната, ниту Тиквеш, ниту Пролет можат нешто да сменат во сопствениот пласман, па затоа нивниот меѓусебен дуел беше повеќе „пријателски“ без голем набој или неизвесност.

Домаќините со триумфот 29-25 (17-16) само го потврдија петтото место на табелата, и ја остварија седмата победа во плеј-оф фазата.

Голманот на Тиквеш, Марјан Велков, ја коментираше победата над Пролет истакнувајќи дека одличниот втор дел бил пресуден за убедливиот триумф.

,,Мислам дека натпреварот го решивме во второто полувреме, ја подобривме одбраната, тоа се виде и по резултатот, до 47-48 имавме само два гола примени од игра и еден од пенал, тоа беше клучен период во кој го решивме натпреварот, речиси сите имаа шанси и дојдовме до рутинска победа”, изјави Велков.

Искусниот голман натпреварувачката сезона 2023/24 ја оцени како успешна.

,,Може да се каже дека за Тиквеш оваа сезона, со европските настапи, беше успешна. Имавме еден историски настап за нас во Европа, дома победивме, во Австрија не успеавме, но го направивме тој историски успех, одигравме во Европа, за настапот во плеј-офот се подготвувавме, имавме тогаш две-три тешки натпревари за една недела, не успеавме да победиме, но тоа е спортот, во глобала сме задоволни”, заврши Велков.

Во последното коло од прволигшакиот плеј-оф Тиквеш ќе гостува кај тимот на Охрид.

Во меч без резултатско значење Тиквеш лесно го победи Пролет