Велешани го освежуваат ростерот – два бека пред потпис со Бисинов ФЛ

Пред стартот на пролетниот дел од сезоната и битката за опстанок, тимот на Бисинов ФЛ од Велес го засилува својот ростер.

Пред потпис со велешкиот состав се двата бека – средниот Марио Миланов и десниот Синиша Павлов.

Миланов има солидно суперлигашко искуство играјќи за Голден Арт и Бутел Скопје, а беше дел и од Шампион.

Павлов настапуваше за Прилеп, Голден Арт, Радовиш и Скопје, а на меѓународна сцена ги носеше дресовите на чешкиот Маломерице и косовската Вјоса.

Допрва ќе биде одлучено дали двајцата ракометари ќе ги задоволат вкусовите на тренерот Глигоров и дали ќе потпишат договори со Бисинов ФЛ.

Велешани се на делба на 10 место на табелата во Супер лигата заедно со Струга и сосема извесно ќе играат во плеј-аутот напролет.