Ракометарките на Вардар активно работат за натпреварите од вториот дел од сезоната, односно за плеј-оф фазата.
Вардар денеска одигра пријателски натпревар со поранешниот шампион на Србија, Наиса Ниш, и минимално беше поразен со два гола разлика, 32:30 (17:10).
Најефикасна во редовите на „црвено-црните“ беше младинската репрезентативка Леона Миленковска со осум гола, додека Вероника Ѓорѓиевска имаше солидна партија меѓу стативите со 12 интервенции.
Со оглед дека има пауза во домашното првенство, поради Европското првенство, од голема полза беше овој натпревар за вардарки, со цел да се одржи формата и ритамот.
Избраничките на Платон во плеј-офот ќе играат со Металург Автокоманда, Ѓорче Петров, Чаир, Куманово и Астибо.
Освен сениорките, контролен натпревар одиграа кадетките на двете екипи, а крајниот исход беше 39:24 (19:13) за младите вардарки.