Вардарци со победа над Бутел ја завршија сезоната

Ракометарите на Вардар победнички ја завршија сезоната, откако во последниот натпревар од плеј-оф фазата триумфираа кај Бутел Скопје со 31:25.

Вардар беше во игра и за шампионската титула, но бидејќи Еурофарм Пелистер го совлада Алкалоид, тимот на Владо Недановски остана на второто место, што е многу подобар успех од ланската сезона, во која „црвено-црните“ завршија на третото место.

Вардар натпреварот го реши уште во првиот дел, одигра според посакуваното, домаќинот беше рамноправен до 8:7 и како тука да подзастана, а гостите со неколку мини серии започнаа постепено да се одлепуваат и на пауза заминаа со предност од плус шест, 16:10.

Вториот дел беше повеќе формалност, домаќините се обидуваа резултатски да се доближат и да ја преполоват негативата, но составот на Недановски не се опушти многу, лесно доаѓаше до позиција за гол и рутински го одработи последниот дел од натпреварот.

Најефикасен во победничката екипа беше Гоце Георгиевски со шест погодоци, по четири запишаа Томислав Јагуриновски и Матија Николиќ.

Во поразениот табор прв стрелец беше Бојан Спасовски со пет реализации во мрежата на гостите.