Вардар за осум минути го „реши“ Тиквеш

Гостите од Кавадарци се заканија само во првите 20 минути од дуелот со Вардар во Скопје, а потоа „црвено-црните“ набрзина го решија ривалот и на крај триумфираа со 32-24 (16-10). Останува Вардар на линијата на победите со 11 триумф по ред во првенството, со кој останува во врвот на табелата, веднаш зад лидерот Еурофарм Пелистер.

Победникот беше решен за осум минути, односно тогаш беше направена предноста која беше клучна за конечниот исход на мечот и триумфот на Вардар. Од 22. до 30 минута Вардар имаше серија од 6-0 и „избега“ на 16-9. Потоа се беше полесно.

Играа домашните без седуммина првотимци, бидејќи недостасуваа Еспиња, Георгиевски, Срдановиќ, Коиј, Мело, Крсманчиќ и Стаменковиќ. Милан Лазаревски влезе дури во второто полувреме, а Вуко Борозан од клупа го изгледа целиот меч. Сите размислуваа за следниот дуел со Еурофарм Пелистер во Битола кој може да покаже кој е поблиску до титулата.

Дополнителен проблем за Вардар беше и тоа што Васил Гогов бранеше со повреден прва на левата рака, кој мораше да биде целосно бандажиран. Но, и покрај тоа имаше 6 успешни одбрани во првиот дел. Потоа меѓу стативите застана Марко Богдановски.

На спротивната страна тренерот Грчевски иако ги имаше во составот и Обина и Анастасовски, тие не влегоа во игра сакајќи да им даде повеќе можност за одмор пред следниот меч со Охрид.

Изненадувачки на почетокот Тиквеш имаше и водство, 5-3, а потоа Вардар направи пресврт, но таа разлика од 1-2 гола за домашните остана се до 22 минута. Тогаш Гчевиќ последен пат намали на „минус 1“ за 10-9, и се разбуди Вардар, по што лседуваше серија со која скопјани зголемија на 16-9. Со таа серија беше најавено кој ќе победи.

Второто полувреме изгледаше формалност, бидејќи Вардар ја имаше контролата на резултатот. Во 44 минута предност се искачи на „плус 9„ за водство 25-16 за Вардар. Десетката „пукна“ во 4 минута која Марио Стојановски од контра погоди за водствпо 28-18, а потоа и Милан Лазаревски за 29-18. Тоа беше најава дека на 10 минути до крај на мечот веќе се е решено.

Стефан Петриќ беше најефикасен со 7 гола, Хансер даде 4 гола, а по три постигнаа Танкоски, Николиќ, Ашраф и Пинто. Кај гостите најефикасен беше Спасоје Гачевиќ.