Во следната сезона дел од екипата на Вардар ќе биде холандскиот репрезентативец Ларс Коиј. Тој игра на позицијата пивотмен, и ќе остане во Скопје најмалку една сезона, со можност за продолжување на соработката. Тој е првиот Холанѓанец што потпишува за Вардар, и воопшто прв играч што доаѓа во Македонија од оваа земја.
Холандија последниве години сериозно се наметнува во машкиот и женски репрезентаивен ракомет. Машката репрезентација „врза“ три настапи на последните ЕП, каде го освојуваа 17 место (2020), па беа 10. (2022) и на последното Еп го освоија 12 место. Играше и на СП 2023 година.
Ларс Коиј (23/199/100) доаѓа од екипата Емсдетен каде играше минатата сезона, а претходно настапуваше две сезони за Хам Вестфален. Има настапувано и за екипата на Тонден во Данска.
Квалитетите на Коиј ги препозна и Флензбург кој го ангажираше овој млад ракометар и две сезони играше за вториот тим (до 19 и до 23 години) и беше шампион на Германија со екипата до 23 години.
Со своите настапи покажа дека станува збор за одличен пивотмен кој подедкаво добро игра и одбрана и напад, и ќе им биде вистински колега на Милан Лазаревски и Михаил Аларов во тимот.
Кариерата на Коиј почнува во Холандија каде настапувал за тимот на Алсмеер се до 2018 година, кога се сели во Германија. Репрезентативната кариера на Коиј е поврзана првенствено со младите категории каде настапувал за националниот тим до 17 и до 19 години. Има играно и за репрезентацијата на Холандија на песок, до 16 и до 17 години.
Дебитира за А селекцијата на Холандија во 2020 година против Турција. Беше дел од селекцијата на Холандија која играше на ЕП 2022 и ЕП 2024 година. Вкупно 25 натпревари има одиграно за Холандија.
Вардар досега се засили со Томче Стојановски, Мигел Пинто, Дмитро Горига, Ашреф Маргели, Марио Танкоски и Младен Крсманчиќ, а од клубот заминаа Мартин Томовски, Мартин Карапалевски, Косуке Јасухира, Марко Мишевски и Дарко Ѓукиќ.