Во Белград денеска се одржа втората седница на Управниот одбор на Регионалната ракометна лига, на која беа донесени клучни одлуки во пресрет на првата натпреварувачка сезона 2026/27.
На седницата беше усвоен финансискиот план за новата сезона, кој предвидува целосно функционална канцеларија на Лигата, професионална стриминг-продукција на сите натпревари и голема промоција на Ф4 турнирите во машка и женска конкуренција.
Една од најзначајните одлуки е дека Регионалната лига целосно ќе ги покрива трошоците за судиите и делегатите на сите 94 натпревари во текот на сезоната, со што клубовите ќе бидат значително финансиски растоварени.
Управниот одбор донесе и одлука за единствен и транспарентен систем на надоместоци за судиите и делегатите, а беше формиран и професионалниот тим на Лигата. За извршна директорка е именувана Милена Раичевиќ, која ќе раководи со работата на канцеларијата.
Членовите на Управниот одбор беа информирани и дека се обезбедени спонзорски договори кои гарантираат финансиска стабилност на проектот. Во тек е опремувањето на канцеларијата на Регионалната лига во Подгорица, која ќе биде целосно оперативна пред почетокот на сезоната.
Од Лигата порачаа дека со овие одлуки е комплетирана финансиската и организациската подготовка за историската прва сезона.
„Регионалната лига влегува во својата прва сезона со обезбеден буџет, професионален тим и модел кој максимално ги растоварува клубовите, за сите да можат да се посветат на најважното – ракометот“, се наведува во соопштението.
Македонија ги има Вардар, Еурофарм Пелистер, Охрид и тимот од Автомоманда како претставници кај мажите, додека Ѓорче Петров и Чаир се претставници кај дамите.

























