Удар за Еурофарм Пелистер: Тешка повреда за Костески, ќе паузира и Павле Атанасијевиќ!

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во клучниот период од сезоната ќе биде без двајцата македонски репрезентативци.

Ненад Костески го чека долга пауза и веројатно сезоната за него е завршена, додека Павле Атанасијевиќ ќе биде надвор од терените најмалку три недели.

Тие се повредија на натпреварот од Лигата на шампионите против норвешкиот Колстад, па стратегот Бранко Ангеловски нема да смета на нив за дербито со Тиквеш.

„Нашите играчи Ненад Костески и Павле Атанасиевиќ на последниот натпревар од ЛШ против екипата на Колштад се здобија со повреди поради кои нема да можат да настапат на саботниот натпревар со ГРК Тиквеш. Во тек на вчерашниот ден веднаш после пристигнување на екипата, направени се детални медицински прегледи и за жал повредата на Ненад Костески е од потешка природа. Се работи за кинење на преден вкрстен лигамент на десното колено. Ненад Костески во наредниот период ќе мора да се подвргне на хирушка интервенција и подолга рехабилитација. Кај Павле Атанасијевиќ констатирано е фрактура на носна коска. Утрово превземена е соодветна медицинска постапка со која е санирана дислокацијата. Очекуваме дека Павле Атанасијевиќ ќе се врати на терените после пауза од три недели. На двајцата наши млади играчи им посакуваме побрзо враќање на ракометниот терен. Клубот ќе ги превземе сите мерки за најквалитетна здравствена нега“, се вели во соопштението на битолскиот клуб.

Двајцата ќе ја пропуштат и репрезентативната акција во ЕХФ неделата, кога Македонија ќе игра двомеч со Романија.