Унгарскиот ПИК Сегед им се врати на победите во Лигата на шампионите, откако славеше во трилер завршница против Нант со 33-32.
Во најголем дел од натпревар, домаќините водеа, во еден момент имаа и плус три, но во последната минута Нант влезе со предност, 32-31. Погоди Банхиди набрзина за реми, Мин погреши во последниот напад за Нант и останаа уште десетина секунди за победнички гол на ПИК Сегед.
Апелгрен повика тајм-аут, а Бодо беше прецизен на една секунда до крајот за голема радост на домашните. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Шоштариќ со седум, како и Банхиди, Фримел и Бодо со по пет погодоци, додека кај Нант десет гола постигна Ривера.
Ракометарите на Фуксе Берлин по гостинскиот триумф кај Еурофарм Пелистер, со цел плен се враќаат и од гостувањето кај данската Фредериција, каде што славеа со 38-32.
Иако на полувремето беше само реми, 17-17, сепак во вториот дел квалитетот на „лисиците“ дојде до израз и се израдуваа на втора победа во елитната конкуренција, во која се вратија по долго време.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Андерсон со осум погодоци, додека Гидсел и Толбринг дадоа по седум, а голманот Милосављев запиша 12 интервенции. Kај Фредериција се истакна Певнов со седум гола.