Тренерска смена во Битола: Бранко Ангеловски привремено ќе го води Еурофарм Пелистер

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер ќе има нов тренер, а тоа ќе биде досегашниот спортски директор Бранко Ангеловски. Тренерското дуо Александар Јовиќ и Звонко Шундовски нема повеќе да ја извршуваат функцијата, а од клубот најавија дека Ангеловски ќе го води тимот додека да биде најдено долгорочно решение.

Смената доаѓа по лошиот старт на сезона и петте порази во Лигата на шампионите. Иако битолчани ја креваат формата и на последните дуели во елитното натпреварување покажаа дека имаат квалитети, сепак победата над Вардар што не беше доволна за да се надмине негативата од првиот меч, беше пресудна да има промена на клупата.

Ангеловски од ова лето се врати во матичниот клуб и ја презема функцијата спортски директор. Тренерското деби ќе го има против европскиот вицепрвак Келце на утрешната средба од Лигата на шампионите.

Тој е легенда на Еурофарм Пелистер, а во играчката кариера покрај за битолскиот клуб, играше и за Металург и Вардар. Голема трага остави и во романскиот ракомет каде што го носеше дресот на Констанца, а беше во улога и на спортски директор во овој клуб. Играше и во Загреб и Винтертур во Швајцарија, и Тулуз во Франција, но и на Блискиот Исток.

Пелистерци ќе имаат голем предизвик во одбраната на шампионската титула во Македонија, иако во плеј-офот многу веројатно ќе стартуваат зад Вардар на табелата, а во Лигата на шампионите ќе играат ги чекаат двомечи со ПИК Сегед и Келце, како и уште по еден дуел со ПСЖ, Кил, Алборг, Колстад и Загреб.