„Тој е иднината на ракометот, се надевам ќе го задржиме долго“

Еден од помладите членови во данскиот шампион Алборг, Маринус Мунк, добива сè поголема минутажа во тимот, и доказ за неговиот квалитет е репрезентативниот повик од страна на данскиот селектор Николај Јакобсен.

Со одличните настапи во Лигата на шампионите и повикот за репрезентацијата, тој докажува дека е подготвен за играње силни натпревари. Неговиот напредок го препозна и капитенот на Алборг, Рене Антонсен.

„Тој е играч на иднината, во тоа нема сомнеж. Се надевам дека ќе го задржиме во Алборг уште многу години, затоа што околу него може да се изгради нешто големо“, изјави капитенот на Алборг, Рене Антонсен, за ТВ2 Спорт.

Мунк ги помина сите младински категории во Алборг и многу му значи што ја доби шансата токму во клубот во кој секогаш играл.

„Мислам дека сега за сега е одлично. Веруваа во мене уште од младинските категории. Фактот што можам да докажам дека можат да сметаат на мене само ми дава поголема мотивација, бидејќи не морам да се докажувам во друг клуб,“ изјави Мунк за ТВ2 Спорт.

Левиот бек во групната фаза од Лигата на шампионите постигна 35 погодоци. 21-годишниот ракометар со данскиот шампион има договор до ова лето, но најверојатно двете страни ќе ја продолжат соработката.

Алборг се пофали со новата потенцијална ѕвезда (ВИДЕО)