Најуспешниот клуб меѓу годинешните кандидати на Ф4 турнирот екипата на Ѓер е првиот финалист на десетото издание на Ф4 викендот во Будимпешта по победата над дански Есбјерг со резултат 24:23. Херој на унгарскиот тим е голманката Сандра Тофт, која одбрани шут во последната секунда на Солберг од чиста позиција и го однесе Ѓер во борба за златото.
Натпреварот започна со водство на Есбјерг благодарение на двата последователни погодоци од страна на Нора Мерк, додека екипата на Ѓер набрзо ги консолидираше редовите и до средина на првиот дел го презема водството со резултат 7-5.
До крајот на првиот дел натпреварот беше доста изедначен, но сепак последните неколку минути им припаднаа на избраничките на Пер Јохансон кои на крајот заминаа на пауза со четири погодоци разлика 12-8.
На почетокот на вториот дел тимот на Есбјерг направи серија од 3-1 со која успеа да ја намали разликата на два погодоци но нивната серија беше прекината од одличната Сандра Тофт која до средината на вториот дел имаше 11 одбранети удари.
Данската екипа во последните минути имаше повеќе можности за изедначување на резултатот и во драматичен финиш, одличната Сандра Тофт со прекрасна одбрана ги сопре сите надежи на данската екипа и со тоа унгарскиот вицепрвак стигна конечно до триумф со финален резултат 24:23.
Најдобар стрелец кај победничката екипа беше Нзе Минко со 6 постигнати погодоци додека кај поразените Мерк исто така постигна 6 погодоци.
Со оваа победа, Ѓер успеа да го обезбеди седмото учество во големото финале на овој завршен турнир и во утрешното финале ќе се бори за шестата титула во Лигата на Шампионите.