Ракометарите на Тиквеш на гостувањето во Струга кај истоимената екипа, која на денешниот дуел настапи без неколку искусни ракометари, славеа со 25:21 во натпревар од 10. коло од Супер лигата и се израдуваа на деветтата сезонска победа. Тиквеш победата ја обезбеди уште во првото полувреме, во кое целосно го надигра домашниот тим и во првиот дел постигна 15, а прими само осум погодоци. Клучот за победата на кавадарчани беше направен во периодот од 10, па до 22 минута, кога домаќините не можеа да го пронајдат патот до мрежата на гостите и беа без реализација.
Кавадарчани со новите три бода го задржаа второто место во групата А, сега на свое конто имаат 27 бода, додека екипата на Струга со 15 бода се наоѓа на 4. позиција, но на следните натпревари ќе треба да одработи максимално, бидејќи нејзиниот главен конкурент за четвртото место, тимот на Аеродром, има 12 бода.
Од почетокот на средбата се виде дека домашниот тим ќе има тежок предизвик, бидејќи гостите одлично го стартуваа натпреварот, во воведните пет минути поведоа со 4:1 и до крајот имаа целосна контрола на резултатот. Избраниците на Матлиески ја казнуваа речиси секоја грешка на домаќините и со лесни погодоци од контри и полуконтри во 15 минута дојдоа до дотогаш највисоките плус шест, 10:4.
Тимот на Струга цели 12 минути беше без реализација, имаше „црна дупка“ во периодот од 10, па до 23 минута, за тоа време никако не можеше да ја пробие гостинската одбрана. Составот на Танески петтиот гол на натпреварот го запиша дури во 23 минута преку кружниот напаѓач Тренчевски. До крајот на полувремето гостите продолжија со одличната игра во напад и одбрана и на пауза заминаа со предност од 15:8.
Гостите на почетокот на вториот дел врзаа два гола и дојдоа до предност од 17:9. Предноста од осум гола разлика на гостите му овозможи мирен тек во вторите 30 минути и без многу форсирање ги освоија зацртаните бодови. Струга во последниот период од натпреварот успеа да заигра подобро, ги намали грешките, ја преполови негативата и се избори за поблаг пораз.