Тиквеш не се дава, и држи чекор да биде меѓу екипите што ќе играат во плеј-oфот, откако очекувано, со 38-30 (20-15) ја победи Струга во меч од 10 коло од Супер лигата. Се зацврстија кавадарчани на 6. место на табелата, сега со 9 бода, додека стружани остануваат при дното, со 4 бода исто колку и Куманово, а зад нив се само Бисинов и Радовиш.
Продолжува традицијата Тиквеш да победува во меѓусебните дуели, и ова беше седми меч по ред на кој триумфираа кавадарчани од вкупно 13 одиграни натпревари. Средбата беше повеќе „напаѓачка“ со помалку дуели во одбраната, па затоа и „паднаа“ вкупно 68 на средбата. Со оваа победа Тиквеша ја намали негативата во гол разликата, која сега е само „минус 5“.
Неизвесно беше само пет минути, тогаш гостите последен пат имаа реми, 4-4. Потоа за шест минути домашните направија убава серија од 4-0 и поведоа со 8-4, како најава за нов трумф. Од тогаш па се до крајот на средбата, Тиквеш ја одржуваше предноста која во првото полувреме имаше и неколкупати предност од пет гола, па и „плус 6“. Немаше сила Струга да направи нешто, и очигледно беше дека домашните имаат и поквалитетни играчи, па и резервна клупа.
Намали Струга на 20-17 на самиот почеток, и потоа пак Тиквеш „избега“ и поведе со 26-19. Тоа беше и последниот обид на гостите нешто да направат. Седумката после десетина минути се зголеми на осум гола (31-23). Гостинскиот играч Кленкоски доби директен црвен картон во 49 минута поради прекршок врз Мики Лазов, па ја прегледуваа снимката пред да донесат таква одлука.
Таа разлика од 6-8 гола остана до самот крај на средбата, иако во еден момент беше и 38-29, што беше највисоката предност. Во домашниот тим по седум гола постигнаа Дарио Кофиловски, Никола Летиќ и Јован Даневски, додека кај гостите од Струга најпрецизни беа Ненад Костоски и Богдан Мијушковиќ со по 6 гола
Во следното коло Тиквеш гостува кај Бисинов, а Струга го пречекува Вардар.
ТАБЕЛА