По триумфот над Вардар, ракометарите на Тиквеш остварија уште една победа во суперлигашкиот плеј-оф.
Избраниците на Раде Стојановиќ славеа на гостински терен кај незгодниот Бутел Скопје со 22-21, со погодок во последните секунди.
Десното крило Евгениј Темелкоски беше меѓу најдобрите поединци во победничкиот тим и успеа да постигне шест погодоци.
„Овој натпревар беше машки и борбен до максимален степен, вакви натпревари заслужува македонската ракометна публика. Бевме добро подготвени за тоа што не чекаше денес, после домашната победа над Вардар не се опуштивме и бевме максимално фокусирани, Бутел е квалитетна екипа и тоа го покажаа во второто полувреме кога се вратија од 5 разлика. Сепак, таков е спортот, среќата беше на наша страна и на крајот трите бодови ние ги носиме во Кавадарци. Секоја чест на домаќините за борбата денес, горд сум што имам вакви соиграчи кои секој натпревар ‘играат на глава’ и до последен здив. Сега имаме два дена да одмориме глави, па се фокусираме на следниот натпревар во Кавадарци“, вели Темелкоски.
Во следното коло, Тиквеш на домашен терен го пречекува шампионот Еурофарм Пелистер во „Јасмин“.