Струга добива нов ракометен клуб

Градот расадник за ракометари, Струга, од каде потекнуваат и доста млади ракометарки, во иднина ќе има уште едно место за создавање идни спортистки и репрезентативки. Веќе е формиран нов женски клуб, па сега во градот ќе има два активни клуба.

Група ентузијасти и поранешни тренери од Стружанка (веќе постоечки клуб на територијата на Општина Струга) одлучија да формираат нов клуб во женска конкуренција.

Според податоците од Централен регистар, основачи на новиот клуб „Здружение ЖЕНСКИ РАКОМЕТЕН КЛУБ СТРУГА 2024 Струга“ се: Маја Попоска, Јонче Танаскоски, Марија Паноска, Владимир Паноски и Владимир Ѓонески.

Како што е познато, искусниот Владимир Паноски кон средината на месец ноември ја прекина соработката со Стружанка, тогаш беше одлучено секој да си продолжи по својот пат. Од тој момент, главен тренер на сениорската, кадетска и пионерска екипа на Стружанка е Жарко Ферукоски.

Овластено лице, односно претседател на клубот, според она што е наведено во Централниот регистар, ќе биде Владимир Паноски. Засега не е познато кои ќе бидат амбициите на новиот женски клуб од Струга, но сигурно ќе пријават екипи во младинските категории…

Во Општина Струга, покрај машкиот тим на Струга и женскиот на Стружанка функционира и ракометниот клуб Ехалон, кој работи со момчиња и девојчиња, како и Динг, кој се натпреварува во пионерска конкуренција.