СТРУГА 2024: Србиноски – турнирот ќе биде почетна станица во градењето на еден нов тим на Струга

Откако пред две години го прослави „златниот јубилеј“, познатиот ракометен турнир во Струга ја продолжува традицијата на најстарата спортска манифестација во Македонија. Годинава од 14 до 17 август по 52. пат отвореното ракометно игралиште покрај „Женската плажа“ во Струга повторно ќе биде местото каде ќе се темпира формата за новата сезона, но и ќе се борат екипите за престижниот трофеј.

Домаќинот Струга и ова лето ќе биде дел од традиционалниот турнир што ќе се игра од 14 до 17 август на отвореното игралиште покрај „Женската плажа“.

Иако со изменет состав, стружани ќе се обидат да им парираат на фаворитите и што подобро да се подготват за претстојните предизвици во суперлигашкото друштво.

Во отсуство на првиот стратег Наум Танески, кој ја води кадетската репрезентација на Европското првенство во Црна Гора, на клупата на Струга ќе седи неговиот асистент Сашо Србиноски.

„Очекувам на турнирот да почнеме да градиме еден нов тим на Струга, тим поинаков и поразличен од минатата сезона, тим во кој ќе промовираме нови млади играчи. Нема да бидеме во комплетен состав, затоа што Матески е во Црна Гора на кадетското ЕП, а Мечкароски има мала повреда, која ќе го спречи да настапи на турнрирот. Секако ќе недостасува и првиот тренер Танески, кој е селектор на кадетите“, вели Србиноски.

Тој долго време е дел на многу начини од Струшкиот турнир.

„Сум учествувал на турнирот и како играч и како тренер и можам слободно да кажам дека на овие простори и пошироко Струшкиот турнир ужива голем респект и поради организацијата, како и поради квалитетот на екипите кои играле во минатото, но и сега“, продолжи Србиноски.

Струга ќе игра со Еурофарм Пелистер и со ПАОК Солун во групата на турнирот.

„Што се однесува до ривалите во нашата група, Еурофарм Пелистер е фаворит, и очекувам дека со Вардар ќе играат во финалето, бидејќи се фаворити за освојување на турнирот“, вели Србиноски.

Тој ги соопшти целите и амбициите на Струга во претстојната сезона во македонското суперлигашко друштво.

„Во претстојната сезона очекуваме сигурен опстанок, да се профилираме како сериозна екипа, што ќе се обиде да им помати сметките на поголемите екипи и да продолжиме со праксата на создавање на нови ракометари кои ќе бидат иднина не само на клубот, туку и на македонскиот ракомет“, заврши Србиноски.

СТРУГА

заминаа: Јовица Младеновски (крај на кариера), Александар Тренчевски (Прилеп), Дејан Рикановиќ (Криваја), Мерис Бошњак (Уеска)

дојдоа: Никола Летиќ (Борац Бања Лука)

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ:

14/8, 18:30, Струга – Еурофарм Пелистер
15/8, 18:30, Струга – ПАОК Солун

Дознајте ги сите новости поврзани со 52. издание на турнирот во Струга во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24Ракомет.

,
Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…