Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер славеше против Вардар со 29-26 во големото финале на Струшкиот турнир и го освои 14 трофеј покрај езерото. Сега пелистерци се израмнија со вардарци на вечната листа на освојувачи. Целиот натпревар беше неизвесен и беше решен во последните минути. Вардарци беа во поголем дел од мечот во негатива, во финишот се вратија со реми, но промашуваа кога најмалку требаше, а битолчани знаеја како да го казнат тоа и да го освојат трофејот.
Митревски отвори со одбрана, пелистерци поведоа со 1-0, но потоа и Еспиња запиша две интервенции. Македонскиот репрезентативен голман му фати удар и на Ќосевски, потоа одбрани уште еднаш и Еурофарм Пелистер го зголеми водството. Првиот гол за Вардар беше дел на Танкоски по седум минути игра, а „црвено-црните“ се разиграа и со серија од четири гола ја преземаа контролата на теренот. Митревски продолжи да брани, но и Еспиња исто така беше одличен.
По десетина минути беше 5-3 за Вардар, па тренерот на пелистерци, Бранко Ангеловски се реши уште во раната фаза да повика тајм-аут. Неговите момци израмнија, а беше и 6-6.
Еспиња му фати пенал на Радивојевиќ, казната стигна на спротивната страна и Вардар одново беше на плус два, 8-6. Битолчани израмнија, потоа искористија едно промашување на Лазаревски за да го преземат водството. Имаше мала мешаница на теренот, меѓу Коиј и Борзаш, кои добија по едно исклучување, а потоа и Николиќ беше исклучен по еден остар старт на Кузмановски, кој тргна во напад за плус два.
По реакција на судиската одлука, црвен картон доби тренерот на Вардар, Недановски, кој на пет минути до крајот на првиот дел мораше да се пресели на трибините, па тимот го водеше Стојанче Стоилов. Битолчани по пеналот на Кузманоски отидоа на плус два, 10-8, а „црвено-црните“ казнија едно невнимание на битолската одбрана и со четворица ракометари реализираа.
Беше 11-9, а актуелниот македонски шампион имаше шанса на пауза да оди со повисока предност, но Гогов му го одбрани пеналот на Кузманоски и на одмор се замина со 13-11 за Еурофарм Пелистер.
Митревски одлично го отвори и второто полувреме, битолчани поведоа и со три гола, 16-13, но се повреди Тајник и Вардар набрзина анулираше дел од негативата, 16-15. Гогов му запре уште еден пенал на големиот ривал, но се постигнуваа голови наизменично на двете страни. Танкоски очигледно беше мотивиран против поранешниот клуб погодуваше во серија во голот на Митевски, па водството на пелистерци беше само еден гол, 19-18.
Гогов му фати зицер на Пешевски, па стигна израмнувањето преку Георгиевски. Беше и 20-20, a и во последните десетина минути се влезе со реми, 23-23. Со атрактивен гол со цепелин во режија на Кузмановски и Хосни, Еурофарм Пелистер си ја врати предноста на своја страна по исклучувањето на Коиј. Во следната акција исклучен беше Абутовиќ, откако Николиќ изнуди пенал што го реализираше Срдановиќ за 24-24.
Вардарци згрешија во нападот, Пешевски беше прецизен и битолчани се одлепија на плус два, 26-24, кога останаа да се играат уште 180 секунди. Стоилов повика тајм-аут, по што Георгиевски намали на 26-25. Останаа вардарци со играч помалку, Радивојевиќ најде дупка во нивната одбрана, а потоа Ивиќ одбрани кога остана уште една минута за играње. До крајот уште еднаш погодија пелистерци, кои сега се израмнија по бројот на трофеи во Струга.