Стартува Супер лигата: Вардар гостува во Автокоманда, шампионот тргнува од Кавадарци

В сабота ќе стартува новата сезона во суперлигашката конкуренција со пет средби, а дербито ќе се одигра в недела.

Шампионот Еурофарм Пелистер тргнува кон одбраната на титулата со незгодно гостување во Кавадарци кај составот на Тиквеш кој има проблеми со повредени ракометари, а битолчани ќе бидат наострени по поразот во Супер Купот.

Дербито ќе се одигра во Автокоманда в недела, каде што „сино-белите“ ќе го пречекаат вицепрвакот Вардар. Осоколени по триумфот во Супер Купот, сигурно ќе сакаат да фатат поголем залет, но за нешто се прашува и Вардар, кој веќе ги совлада во финалниот натпревар на турнирот „Крсте Андоновски“ во Охрид.

Бутел Скопје ќе го пречека Куманово на меч во кој е фаворит, додека истото важи и за Охрид, кој гостува кај новиот суперлигаш Радовиш.

Струга имаше големи промени во играчкиот кадар, но и покрај тоа ќе ја има благата фаворитска улога против новиот член на елитата, Ф. Борец, кој ќе го игра првиот суперлигашки натпревар во историјата, а најинтересно се очекува да биде на пресметката меѓу Прилеп и Пролет.

Супер лига, 1 коло:

07/09, 15:00, Бутел Скопје – Куманово
07/09, 16:00, Струга – Ф. Борец
07/09, 18:30, Прилеп – Пролет
07/09, 19:00, Радовиш – Охрид
07/09, 19:00, Тиквеш – Еурофарм Пелистер
08/09, 19:00, Алкалоид – Вардар