СП 2023: Србија попушти во финишот против Данска, Шпанија веќе е во главна рунда

На четирите натпревари на Светското првенство 2023, кои што беа одиграни во терминот од 20:45 часот, победа остварија репрезентациите на Данска, Шпанија, Шведска и Норвешка.

Србија пружи голем отпор против Данска, но на крајот загуби оо три гола разлика, 24:21. Избраничките на Урош Брегар водеа речиси во најголемиот дел од натпреварот, имаа два гола позитива на полувреме, 12:10, но во финишот не издржаа.

Данска во победата над Србија беше предводена од Ема Фрис и Кристина Јоргенсен со по пет погодоци. Во таборот на Србија најефикасни беа Сања Радосављевиќ, Јована Јововиќ и Марија Лаништанин, кои исто така запишаа по пет реализации.

Репрезентацијата на Шпанија со победата над Украина од 32:20 (16:12) обезбеди пласман во главната фаза на Мундијалот. Освен Шпанија, пласман во главната фаза од групата Х обезбеди и Бразил, кој денес триумфираше над Казахстан.

Шпанија беше предводена од искусната Мирела Гонзалес со шест погодоци, кај Украина се истакна левиот бек Тамара Смбатиан со седум реализации.

Во последното коло од оваа група, токму за првата позиција ќе се борат Шпанија и Бразил, додека за третото место, кое исто така носи пласман во следната фаза, ќе се борат Украина и Казахстан.

Шведска убедливо триумфираше против Кина со 36:24 (22:8) во рамки од групата А.

Кај Шведска прво име беше Нина Копанг со шест погодоци, додека кај Кина со шест погодоци се истакна Јутинг Лио.

Норвешка со вечерашната победа над Австрија од 45:28 (21:12) дојде до четири победа во групата Ц и си обезбеди место во главната фаза.

Победничката репрезентација беше предводена од незапирливата Хени Рејстад со десет погодоци. Австрија немаше расположени ракометарки за игра, па така најмногу се истакна Инес Иванчок со шест реализации.