СП 2023 – ГРУПА Е: Три европски селекции подготвени за драма во Хернинг

Од 29 ноември до 17 декември, Данска, Шведска и Норвешка ќе бидат домаќини на најдобрите 32 женски репрезентации од целиот свет. Гледачите во Хернинг, Фредерикшавн, Трондхајм, Ставангер, Гетеборг и Хелсинборг, ќе имаат можност да ги видат мајсториите на најдобрите ракометарки. 24Ракомет Ви ги претставува учесниците на претстојниот Мундијал...

На претстојното Светско првенство во Данска, Шведска и Норвешка ќе играат 32 репрезентации, поделени во осум групи од по четири, а првите три тима од секоја група поминуваат во главната рунда, додека оние што ќе завршат на последното место ќе играат во Президент Купот.

ГРУПА Д

🇩🇰 ДАНСКА 🇩🇰

Групата Е е најбалансираната на претстојниот Мундијал и во неа на натпреварите во „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг ќе играат домаќинот Данска, Романија, Србија и претставникот од Јужна Америка, Чиле. Овој ривал тешко дека ќе може против европските селекции, кои се гледаат веќе во главната рунда.

Прогресијата на Данска последните години е значајна. По неколку години отсуство од завршните викенди на големите натпреварувања, Данска под водство на Јеспер Јенсен се врати во ТОП 4 на ЕП 2020. Потоа на СП 2021 освоија бронза, додека на ЕП 2022 беше сребрена.

Сигурно ниту во Данска не се среќни што ќе мораат да играат против Романија и Србија во прелиминарната рунда, бидејќи немаат позитивен биланс против нив. Во меѓусебните двобои на големите натпреварувања, Романија и Данска имаат одиграно 19 меча, а Романките имаат десет победи, еден меч завршил реми, додека скандинавската селекција има осум победи.

Овие две репрезентации го имаат одиграно првиот натпревар воопшто на првото СП во 1957 година, кога Данска славеше со 6-1. Последните три меѓусебни средби исто така ги доби селекцијата на Јенсен.

Во последните 12 години, Србија и Данска играа седум пати, двете селекции имаат по три победи, а еден меч заврши реми – тој на СП 2019 година во Јапонија, 26-26.

Клучни ракометарки: Сандра Тофт (голман), Катрин Хеиндал (пивот), Ема Фрис (лево крило)

🇷🇸 СРБИЈА 🇷🇸

Србија остана во последните неколку години без многу искусни ракометарки како Андреа Лекиќ, Драгана Цвијиќ, Катарина Томашевиќ, Катарина Крпеж, Кристина Лишчевиќ…Со нив во тимот, Србија ја победи Данска на ЕП 2018 година со 30-25, но на последното ЕП 2022, беше обратно бидејќи скандинавките доминираа и победија со 31-24.

Од 2010 година, Србија и Романија играа пет пати меѓусебе, а Романките имаат три победи. Сега селекторот Урош Брегар има подмладена репрезентација, која знае да киксне и против селекции од типот на Турција, како на последниот квалификациски дуел за ЕП 2024, па нивниот лимит на СП е тешко предвидлив.

Клучни ракометарки: Сања Радосављевиќ (лево крило), Анѓела Јанушевиќ (десен бек), Јована Рисовиќ (голман)

🇷🇴 РОМАНИЈА 🇷🇴

Ова е веројатно последното Светско првенство на кое ќе настапи една од најдобрите светски ракометарки, Кристина Неагу. 35-годишниот лев бек го најави крајот на репрезентативната кариера по ОИ 2024 година, ако Романија обезбеди билет за Франција.

Селекторот Флорентин Пера има селекција – спој на младост и искуство, па ќе се обидат ако ништо повеќе барем да стигнат до место во квалификациите за Олимписките игри.

Клучни ракометарки: Кристина Неагу (лев бек), Елиза Бучески (среден бек) Крина Пинтеа (пивот)

🇨🇱 ЧИЛЕ 🇨🇱

Јужноамериканската репрезентација се враќа на Светските шампионати за првпат по 14 години, односно последен пат настапуваше на Мундијалот во Кина во 2009 година. Нивната цел сигурно ќе биде да загубат со што помала разлика од европските репрезентации, од кои немаат убави спомени.

На единствениот натпревар против Романија, на СП 2009, Чилеанките загубија убедливо, со 51-17.

Клучни ракометарки: Валеска Ловера (десен бек), Габриела Милер (десно крило), Каталина Галвез (десен бек)